За купувачите „изгор високи“ цени на штипскиот пазар, за производителите заработувачката ништожна

Зелката најбарана на градскиот пазар во Штип, но и со најниска цена. Купувачите побрзаа да го фатат последниот рок за правење туршија, а со тоа и да ги купат производите по речиси најниска цена досега. Зелката со цена од 10 до 20 денари е достапна за купувачите, но нејзиното производство за продавачите е неисплатливо. Тие се на ставот дека кај цените покачувања нема и дека за овој период сите се движат речиси како и минатата година.

Продавачите велат дека граѓаните не се жалат на високи цени, ама тие пред нашата камера тврдат дека тешко може да си дозволат да купат сѐ што им треба. Заклучуваат дека цените се високи за стандардот, па затоа си ги обезбедуваат само најосновните нешта.

Освен зелката, на градскиот пазар во Штип денес најмногу се бараа празот и овошјето. Побарувачката беше задоволителна со оглед на временските услови кои полека ја носат зимата.

Ребека Спасова М-Нет