Општина Кочани доделува 30 стипендии за редовни студенти, жители на Кочани

Општина Кочани доделува 30 стипендии на редовни студенти, жители на Кочани. Стипендии може да добијат студенти по разни критериуми, односно студенти кои постигнал успех во текот на студирањето, студенти на самохрани родители, студенти со посебни потреби.

„Општина Кочани за студиската 2022/2023 година ќе додели 30 (триесет) стипендии на редовни студенти жители на општина Кочани запишани на студии од прв циклус на јавните високообразовни институции во Република Северна Македонија и тоа за следните категории на студенти: најмногу 5 (пет) стипендии за студенти од Ромската етничка заедница и студенти кои се лица со попреченост и лица со ретки болести, 10 (десет) стипендии за студенти од социјално загрозени семејства, најмногу 5 (пет) стипендии за студенти запишани на факултети за медицински науки, а останатите стипендии за студенти кои постигнале висок успех во студирањето. “ – пишува на веб страницата на општината.

Доколку на јавниот конкурс не се пријават студенти од Ромската етничка заедница и студенти кои се лица со попреченост и лица со ретки болести, студенти запишани на факултети за медицински науки или нивните пријави се оценети како неприфатливи, бројот на стипендии распределен за овие категории на студенти, Градоначалникот може да ги додели на студенти од социјално загрозени семејства пријавени по јавниот конкурс кои ги исполнуваат условите за доделување на стипендија, а според редоследот на рангирање по бодови согласно изготвената ранг-листа.

Постапката за доделување на стипендии на редовни студенти жители на општина Кочани се спроведува на начин, услови, критериуми уредени со Правилникот за доделување стипендии на студенти жители на општина Кочани.

Крајниот рок за поднесување на барање за стипендија е до 12 декември годинава.

Истовремено Градоначалникот на Општина Кочани ќе склучи посебен договор со студентот на кој му е доделена стипендија со кој ќе бидат подетално уредени начинот и условите за користење на стипендијата.

Студентите на кои им е доделена стипендија од Општина Кочани имаат можност на нивно барање непосредно да се запознаат со вршењето на работите кои спаѓаат во надлежност на Општината преку пројавување на интерес за доброволно практиканство во административната зграда на Општина Кочани во траење од 15 дена за време на летниот распуст т.е. во месеците Јули и Август, доколку оценат дека ова практиканство може да им помогне во нивните студии преку стекнување на знаење и практично искуство.

Лаура Стојанова М-Нет