
Започна фазата за проектирањето за санација на мостот во село Долни Балван, кој ги поврзува селата Балван и Таринци. Имено, градоначалникот на Оптшина Карбинци, Виктор Паунов во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека откако започнала проекцијата за месец дена треба да се знае колкава е штетата и колку средства се потребни за санација на овој мост.
„Веќе сме во фаза на проектирање за санација на мостот. Со самата санација и со самото проектирање ќе ги утврдиме и оштетувањата кои се направени од оваа ситуација, така да во следниот период, во период од месец дена ќе имаме готов проект за санација, а ќе можеме да излеземе со поточни информации во однос на оштетувањата кои се случија на самиот мост“ – кажа Паунов.
Паунов истакна дека истовремено се и во разговори со државата, бидејќи е потребна и нивна помош. Помалите општини оставени сами на себе не би можеле сами да се справат со давачките.
„Ние веќе комуницираме со министерства и дел од програмите во кои можеме да аплицираме. Меѓутоа, потребно е да се почека проектот да се утврди штетата и да се утврди точно сумата која ќе биде потребна за санација на мостот, па со тој готов проект веќе ќе постапиме кон барања, односно апликации по одредени програми и да добиеме финансиска поддршкаод страна на државата“ – додаде Паунов.
Како член на Управнит одбор на ЗЛЕС, Паунов додаде дека ќе се испрати барање до Владата да се зголемат дотациите по даночна основа, и се надева на постигнување заеднички договор.
Инаку мостот во село долни Балван од 15 декември минатата година е целосно затворен за сообраќај откако на 13 декември водата од река Брегалница ги поткопа столбовите на истиот. Тогаш по направениот увид се констатираше дека мостот е небезбеден за минување на пешаци и возачи. Но, и покрај знаците за забрана за минување и апелите истиот да не се користи, возачите сѐ уште возат по истиот.
Лаура Стојанова М-Нет