
Започнуваат шеснаесетте дена активизам против насилството врз жените и девојчињата. Кампањата „Обој го светот портокалово: КРАЈ НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ СЕГА“ започнува на 25 ноември – Меѓународниот ден на елиминација на насилството врз жените, а трае до 10 декември – Денот на човековите права.
Активностите се базираат на промовирање на лидерството кај жените и девојките имајќи ја предвид нивната различност, како и нивното значајно учество во креирање политики и одлучување на локално и глобално ниво. Истата треба да поттикне напредок во планот за спречување на родово базираното насилство на јавни и приватни простори, особено насилството врз жените и девојките.
Ваквите активности се преземаат поради досегашните поразувачки анализи на ОБСЕ, според кои секоја трета жена над 15 години барем еднаш во животниот век била изложена на физичко или сексуално насилство од интимен партнер, непартнер или и двајцата.
Во Македонија, пак, секоја втора жена е жртва на психичко насилство, а секоја седма жртва на физичко или сексуално насилство. Според истражувањето, 60.000 жени во земјата биле демнети, а 60% од убиените жени во државата се убиени од своите моментални или поранешни интимни партнери.
Според ОН, овие бројки не го одразуваат влијанието на пандемијата со КОВИД-19, која и така го зголеми бројот на жени и девојки жртви на насилство, особено семејно насилство. Истите би биле уште поголеми доколку се вклучат целосниот опфат на насилство врз жените и девојчињата, вклучувајќи сексуално вознемирување, насилство во дигитален контекст, штетни практики и сексуална експлоатација.
Во однос на ова, оваа година беа донесени и измени во Кривичкиот законик со кои се предвидоа санкции за кривично дело „демнење“.
„Тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, стои во Кривичкиот законик.
Кампањата обоена во портокалово се спроведува секоја година со цел да се иницира и поттикне на превенција и спречување на насилството врз жените и девојчињата ширум светот.
Ребека Спасова МНет