Започнува Богородичниот пост, кој трае од 14 до 27 август

Од денес започнува Богородичниот пост. Богородичниот (или Успенскиот) пост се смета за есенски пост и тој ја отвора вратата на новото годишно време, а ја завршува црковната година, зашто 14 септември, по нов стил, е црковната нова година.

Успенскиот пост започнува две седмици пред празникот Успение на Пресвета Богородица. Богородичниот пост е речиси исто така строг, како и Великиот пост: од понеделник до петок е строг пост, во саботите и неделите е дозволено и масло, додека риба се дозволува само на празникот Преображение Господово (19 август). Постот започнува на 14 август и завршува со 27 август, навечерието на празникот Успение. На самиот празник, 28 август, се блажи, освен ако празникот не падне во среда или петок, и во тој случај постот е олеснет со употреба на риба.

Празникот Успение (Голема Богородица), кон кој подготвува Богородичниот пост, е еден од најнеочекуваните за световното поимање празници. Се поставува прашањето, зар е можно да се празнува смртта? Но, словенскиот збор успение значи сон. Смислата на празникот Успение е во тоа што веќе не постои онаа смрт, која го очекувала секого до Воскресението Христово, повеќе нема жалење за смртта, нема страв пред неа.

Православните постат и го подражаваат подвигот на Пресвета Богородица, сакајќи макар делумно да се уподобат на Нејзината чистота. Таа иако го родила Спасителот, често одела на Голгота и го воздигнувала како свој Господ и Спасител. Во текот на својот живот искажала само една заповед: „Сѐ што ќе ви рече Исус, направете!“. Па затоа се вели, доколку сакаме да ја почитуваме Богородица, да ја почитуваме нејзината заповед. Во Црквата специјално се нагласува дека постот кардинално се разликува од вегетаријанството или обичната диета: постот, пред сè, е воздржување заради Христа – како во телесни задоволства, така и во душевни разоноди. Верните со помош Божја се трудат да победат одредени свои недостатоци, да го повратат мирот и согласноста во односите со ближните, онаму каде што тие се нарушени.

Ребека Спасова МНет