Започна реконструкцијата на училишната сала во ООУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци

Започна реконструкцијата на училишната спортска сала во основнотo училиште „Страшо Пинџур“ во село Карбинци. Станува збор за реконструкција која опфаќа промена на стариот под, со што салата ќе биде целосно модернизирана. Финансиските средства во висина од над четири милиони денари се обезбедени од страна на МОН. Како што истакна градоначалникот, Виктор Паунов, се очекува активностите на терен да завршат по празниците.

„Овде започнуваме со реализација на целосна реконструкција на внатрешниот дел на спортската сала. Се работи за обнова на подот кој после подолг период ќе добие една модернизација. Ова се реализира со целосна поддршка од МОН со финансиска поддршка од 4.200.000 денари.“ – вели Паунов.

Со реконструкција на салата во училиштето ќе се подобрат и условите за одвивање на наставата по физичко образование. Придобивки од активностите ќе имаат и наставниците и учениците.

„За училиштето ова ќе значи подобрени услови за изведување на наставата по физичко образование во едни модерни и современи услови.“ – додава Костова.

Салата ќе биде целосно осветлена и прилагодена за потребите на самото училиште, а по завршување на активностите ќе биде предадена на користење на училиштето.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет