Задоволителен бројот на позајмени книги во штипската библиотека, за шест месеци позајмени 10.000 книги

Задоволителен е бројот на позајмувани книги од Националната установа – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип, вели директорот Тамер Јамаковски. Посетата на библиотеката и позајмувањето на книги е од страна на повозрасните кои слободното време сакаат да го искористат во читањето и да создадат љубов кон литературата, но и дечињата кои за време на летниот распуст со своите родите доаѓаат и позајмуваат лектири.

„Во периодот на летните распусти и одмори библиотеката исто така е посетена од голем број на читатели, иако учениците се на распуст, а возрасните се на одмор. Сепак голем дел од книгите се позајмуваат, можеби не е во рамките на користењето на литературата во претходните месеци кога учениците се на училиште, сепак позајмувањето на книгите е задоволително. Со што најмладите со своите родители доаѓаат нешто што посебно не радува, позајмувањето на книгите да си го потполнат летниот распуст, да создатат љубов кон читањето, а повозрасните позајмуваат литература која ја користат за да им го пополнат одморот. “ -изјави Јамаковски

Според извештајот на штипската библиотека за шест месеци позајмени се 10.000 книги, од нив 7000 се за возрасни, а 3000 за деца. Возрасните позајмуваат секакви книги, библиотеката ги истакна најчитаните а дел од нив се романсите со Лиса Клејпас, серијал Тајни на летната ноќ, драмите од Сара Џио, Зима со мирис на капини, романите на Лусинда Рајли, трилери од Крис Картер и Фрида Мекфаден и од нашите автори Ксенија Николова – Зад маските, Незадоволна.

„Кога станува збор за најмладите, најчесто станува збор за лектири од прво до девето одделение, понатаму станува збор за серијалот на книги Исидора Мун, Венко Андоновски „Имаш пчела на носот“, Винка Саздова и други. Кога станува збор за возрасните најинтересно во летниот период е нешто кое што ќе им го привлече вниманието и ќе им го пополни времето најубаво, тоа се романсите, трилерите, прихологија, мотивациони книги.“ – додава Јамаковски

Отаму посочиа дека активностите за време на летото се сведени на минимум поради високите температури, но во период од втори до петти јули се реализираше летна школа во просториите на библиотеката. Инаку штипската библиотека денес може да се пофали со нова пратка на книги, а листата на книги е објавена на страната на библиотеката на социјалните мрежи.

Лаура Стојанова, М-Нет