Завршува асфалтирањето на булеварот „Партизанска“, Штип се доуредува и добива поубав лик

Завршува асфалтирањето на булеварот „Партизанска“ во штипската населба Осми ноември – проект што значително ќе го подобри сообраќајот во овој дел од градот. Деновиве ќе бидат поставени и канделабрите за улично осветлување и со тоа булеварот станува целосно подготвен за користење и добива модерен изглед. Паралелно, се уредува и паркот „Иднина“, кој ќе биде новото место за одмор и рекреација на штипјани. Градоначалникот Иван Јорданов вели дека со овие проекти, Штип добива подобра инфраструктура и поубава слика на градот.

,,Еве со денешното завршување конечно сите активности поврзани со булеварот ќе бидат финализирани. Ќе бидат поставени и деновиве и канделабрите за осветлување. Сигнализацијата исто така е поставена и со тоа го завршуваме проектот, кој додава вредност во нашиот град. Интензивно се работи и на паркот Иднина, кој како продолжение на булеварот ќе додаде вредност, затоа што ќе биде еден од најубавите паркови во државата и сигурно ќе го привлече вниманието не само на штипјани, туку на многу граѓани од околните населени места, кои специјално ќе доагаат да прошетат и да уживаат во убавините на паркот. Во финална фаза е и изградбата на Лидал Маркетот, кои исто така ќе додаде вредност и практично ќе имаме ново лице и нова функионалност на овој дел од градот.“, рече Јорданов

По завршувањето на булеварот „Партизанска“, фокусот се префрла на новиот потег на булеварот „Гоце Делчев“ кон Три чешми. Паралелно продолжува и изградбата на обиколницата што ги поврзува населбите Пребег, Железничка и Плуждино.

,,Продолжуваме и со другите активности, морам да истакнам дека освен овој булевар, кој денес го финализираме, друг булевар на кој што ќе се работи е бул. Гоце Делчев, кои моментално завршува излезот од градот. Со еден кома шест километри продолжување на практично излезнот на градот кон Три чешми Штип ќе добие уште едно булеварско продолжување и со тоа ќе се практично подобри функционаноста, но и визуелниот изглед на влезот и излезот од нашиот град. Овде ќе ја напоменам и интензивната градба на обиколницата, која ги поврзува населбите Пребег, Железничка и Плуждино.“, додава Јорданов

Со завршувањето на овие проекти, Штип добива современа инфраструктура и уредени сообраќајници кои го олеснуваат движењето низ градот. Новите булевари и обиколницата ќе го направат градот пофункционален, поуреден и поубав за сите жители. Со овие инвестиции, Штип се позиционира како вистински центар на Источниот регион.

Иван Митев, М-Нет