
По повеќемесечни активности, работилници и граѓански иницијативи во Штип, Виница и Делчево, проектот „Гласот на жените во општинскиот буџет“ влегува во својата завршница. Здружението „Гласен Текстилец“ следниот вторник во Виница ќе ги сумира резултатите од досегашната работа и ќе покаже што е направено во изминатиот период.
На завршниот настан ќе се зборува за проблемите и потребите на граѓаните, за предлозите кои тие ги дале, но и за тоа колку локалните власти се подготвени да ги слушнат и да ги вклучат во општинските буџети.
Преку панел и отворена дискусија со претставници на локалните власти, граѓанските организации и учесниците во проектот, заеднички ќе се разговара за значењето на граѓанското учество, родово одговорното буџетирање и можностите за продолжување на соработката и регионалното вмрежување.
Во текот на настанот ќе бидат презентирани клучните резултати од проектот, локалните родово буџетски иницијативи развиени од граѓаните, како и искуствата од соработката со локалните институции во Штип, Виница и Делчево.
Иван Митев, М-Нет