
Завршена изградбата на тротоар на ул. „Сремски фронт“, почнувајќи од ООУ „Димитар Влахов“ до населбата Баби. Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов, посочи дека ваква реконструкција е извршена и на други улици од градот, зашто истото било значајно за граѓаните и нивната безбедност. Причината да реализираат ваков проект била и тоа што истиот ја подобрува инфраструктурата во градот.
„Тука имаше тротоар од едната страна, а сега е поставен тротоар и од другата страна на улицата. Станува збор за јавна површина која досега не беше уредена, а жителите ја користеа во секојдневната комуникација кон училиштето и кон населба Баби. Општина Штип во рекордно време направи тротоари и на улиците „Коле Златев“, „Лески“, „Драги Крупишки“ и на улицата „Маршал Тито“ во центарот на градот. Нашето претпријатие „Стипион“ изврши реконструкција на повеќе тротоари кои беа нерамни и видно оштетени. Реконструиран е тротоарот на дел од ул. „Гоце Делчев“, ул. „Вита поп Јорданова“, а изграден е и тротоар од влезот до излезот за безбедно движење на жителите од населба Караорман. Во моментов се работи и на ул. „Крушевска Република“ во населба Баби и ЈП врши прередување на бекатон коцките во центарот на Штип, каде тротоарите се подигнати поради самите корења на дрвјата и со тоа се прави еден ред и рамна површина за да можат нашите сограѓани и сограѓанки да минуваат по истите безбедно“, истакна Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов.
Николов истакна дека ваквите тековни проекти придонесуваат за поубав лик на општината, но и подобрување на квалитетот на животот. Реализацијата на истите била дел од програмата за модерен и убав град Штип.
Ребека Спасова МНет