Ефикасен Тиквеш и сигурна Шкендија – возбудливо 17. коло во ПМФЛ

фото: ФК Шкендија

Двата денешни натпревари од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига донесоа убедлива победа на ГФК Тиквеш и важен триумф на Шкендија во дербито против Струга Трим Лум.

Најубедливиот резултат го оствари Тиквеш, кој на „гостувањето“ кај ФК Шкупи славеше со високи 6:0. Кавадарчани одиграа одлично уште во првото полувреме, кое го добија со 4:0, а во продолжението само ја потврдија доминацијата. Во листата на стрелци се запишаа Садик со хет-трик, како и Стојкоски, Тасев и Голубов. Со оваа победа Тиквеш најави добра форма пред следниот предизвик, кога на домашен терен ќе ја пречека токму Шкендија.

Во Тетово, пак, Шкендија со победа ја отвори пролетната полусезона, совладувајќи ја Струга Трим Лум со 2:0. По првото полувреме без голови, „црвено-црните“ го скршија отпорот на актуелниот шампион во вториот дел. Клучен играч беше Себастијан Спахиу, кој во 79. минута го отвори резултатот, а девет минути подоцна асистираше за Фахд Ндзенгје, кој на своето деби ги постави конечните 2:0.

Шкендија имаше иницијатива во текот на целиот натпревар, а измените на тренерот Јетон Беќири во второто полувреме донесоа дополнителна динамика во нападот, што на крајот резултираше со сигурна победа и важни бодови во трката за врвот.

Во следното коло, кое се игра викендов, Тиквеш и Шкендија ќе се соочат во меѓусебен дуел во Кавадарци, натпревар што веќе сега се најавува како едно од дербијата на колото.