
Електричниот тротинет стана превозно средство кое сѐ почесто се гледа по штипските улици, а најчесто го управуваат помлади луѓе, па дури и деца. Меѓутоа, возачите реагираат дека правила не се почитуваат, а тротинетите најчесто се по коловозите и ја загрозуваат како сопствената, така и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. На управување електричен тротинет без почитување на какви било правила реагираат и пешаци. Анкетата на терен покажува дека штипјани не се чувствуваат безбедно со ова ново сѐ поактуелно превозно средство.

А што е правилно и како е регулирано управувањето на тротинетите како учесници во сообраќајот? Од СВР Штип, од каде побаравме одговор на ова прашање, посочуваат дека полицијата постапува односно ги третира овој вид возила согласно со одредбите во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде се пропишани и правилата и казните.
Прво, електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст. За прекршување на оваа одредба родителот или старателот на детето може да добие казна од 50 евра.
Исто така, во Законот се посочува и местото каде тротинетот може да се движи. Според член 103-а, возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци. Или, според одредбата број 5, возачот на електричен тротинет, може да се движи само по оние сообраќајни површини каде што е дозволено движење со такви возила. Ако се прекршат, за овие одредби возачот или родителот односно старателот, доколку вози дете, може да добие казна од 80 евра.
Казната е најголема за возач кој со електричен тротинет се движи по велосипедска патека со брзина поголема од 25 километри на час или по пешачка патека со брзина поголема од 6 километри на час и истата изнесува 120 евра.
Казна од 50 евра може да се добие и доколку возачот не носи заштитен шлем, нема рефлектирачки елек од првиот самрак до потполно разденување или доколку ги попречува или загрозува другите учесници во сообраќајот.
Засега електрични тротинети за изнајмување се достапни само во Скопје, но тоа не значи дека не може да се видат и во другите градови. Полицискиот билтен на СВР Скопје бележи и пријава од скопјанка која се здобила со тешки телесни повреди откако била удрена од електричен тротинет.
Ребека Спасова М-Нет