
Дури за 4,5 проценти се зголемени трошоците за живот во рок за една година. Според Државниот завод за статистика ова покачување е забележано во групи : храна, безалкохолни пијалоци, алкохолни пијалоци, маслото, а веднаш потоа групите облека, вода, електрика, гас, здравје и слично. Според граѓаните цените наместо да се намалуваат, тие нагло растат, а трговците прават се што ќе посакаат.
Граѓаните велат дека инспекција се уште не забележале, иако има најави за ригорозни мерки, сепак трговците повторно прават трикови со цените во маркетите.
Како што информираат од државниот завод за статистика, Повисоката инфлација во јуни 2025 година, во однос на мај 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 2.9 %, Рекреација и култура, Храна и безалкохолни пијалаци за 1.1 %, Разновидни стоки и услуги за 0.9 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.8 %, Ресторани и хотели за 0.5 %, Здравје за 0.3 %, Комуникации, Облека и обувки за 0.2 % и Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.1 %.
Трошоците на животот во групите Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во јуни 2025 година во однос на мај 2025 година изнесува 101.1.
Индексот на трошоците на животот во јуни 2025 година, во однос на јуни 2024 година, бележи зголемување од 4.5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.7 %.
Иван Митев, М-Нет