Драган Костадинов со прва награда на Меѓународен натпревар за млади хармоникаши во Крагуевац

Младиот штипјанец Драган Костадинов се врати со прва награда од Меѓународниот натпревар за млади хармоникаши „Ѕвездени патеки“ кој се одржа во Крагуевац, Р Србија. 13-годишниот Костадинов го освои првото место во категоријата 2008-2009 година, под менторство на проф. м-р Тони Лазаров, а ваков успех постигна меѓу учесници од Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска, Словенија, Македонија и Романија. За наградите одлучувала Комисија која се состоела од членови од Германија, Франција, Хрватска, Србија и Црна Гора.

Ова е 17. издание на Меѓународниот натпревар за млади хармоникаши „Ѕвездени патеки“, кој е најпрестижен натпревар на бившите југословенски простори за класична музика, конкретно хармоника. За ова сведочи и фактот што претходниве години имало околу 70 учесници, а и оваа година поради големиот број на учесници натпреварот траел три дена.

Ребека Спасова М-Нет