ДПС „Лисец“ од Штип организираше трибина на отворено на тема планинарење

Полни 50 години Друштвото за планинарски спортови „Лисец“ од Штип битисува на овие простори постојано проширувајќи го видикот кон бескрајните европски па и светски височини и полнејќи ги витрините со вредни успеси, признанија и трофеи. Во архивата на ДПС „Лисец“ се врежани имињата на скоро половина штипјани кои во текот на изминатите 50 години испишувале и сеуште испишуваат планинарски и алпинстички, случки, херојски подвизи и катадневни дружби со планинските превои и врвови во нивното искачување и „бодење“ на националното обележје, знамето на Република Македонија како знак на успешна заедничка трка на човекот и планината. Овде нема освојување или борба со планината, овде во планината вирее царството на другарството и меѓусебното пријателство и почитување во постојаното докажување на умешноста, мајсторството и спремноста помеѓу планинарот со „табиетот“ на планината.

Во духот на своите планинарски активности, со почит кон нивните милни планини, бистриот и чист воздух, раководството на ДПС „Лисец“ се одважи на отворено да организира Трибина на тема планинарење со проекција на тематски филм – „Via Dinarica“. Членот на ДПС „Лисец“ Милорад Ангелов ги запозна присутните на трибината со сценариото и текот на трибината на која свои тематски прикази имаа Претседателот на друштвото, Александар Санев, како и инструкторите Јован Иванов и Мане Ангеловски и тука некаде временските услови, односно дождот не дозволи да се доискажат уште неколкуте предвидени презентери со своите драгоцени планински искуства и трибината се прекина. Не беше заборавен ниту подмладокот, најмладите кои уште отсега најавуваат дека тешко ќе се одделат од нивниот втор дом – планината со која веќе на големо скоро секој викенд другаруваат.

Ова е само почеток на еден нов вид запознавање со убавините на планините за што организаторите го заслужуваат сето внимание и почит за ваквиот нов момент на вистина за планините и врвовите ширум Македонија па и пошироко.

Во оваа пригода неизбежно е да се спомене името на Трајче Алексов, алфа и омега на друштвото, кој со години и децении работи и живее во Австралија и кој заедно со неговиот голем другар и пријател Ендрју Лог имаат учествувано на многуте Македонско – Австралиски Хималајски експедиции. Колку за потсетување Ендрју Лог е алпинистот кој ги има искачено сите 14 врвови на Хималаите кои се високи над 8.000 м. а самиот највисок врв Монт Еверест висок 8848м. го има два пати искачено.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk