
Огромен оддек, респект и внимание како кај нас во Македонија така и пошироко на Балканот предизвика акцијата на Друштвото за планинарски спортови „Лисец“ од Штип на кањонот Камник. 22 април се слави како ден на планетата Земја а има ли поубав предизвик да се погали природата, да се акумулира чистиот воздух, да се ужива во пурпурните и бистри води на бисерниот дел на Плачковица.

Честитката за планетата Земја членовите на Лисец се договорија да им ја упатат на 25 април со акција на кањонот Камник со што и официјално ќе се официјализира овој месец како месец на кањоните на ДПС Лисец. Поради огромниот интерес од многубројните љубители на природата и на планинските спортови, ДПС Лисец беше принуден на редуцирање, односно на ограничен број на посетители за оваа атрактивна акција. Засега покрај домакините за оваа акција се пријавија планинарските друштва Зелен Брег од Кавадарци, Бел Камен од Радовиш, друштва од Скопје, Битола, Кичево како и неколку спортски клубови како што е клубот за Џиу – џицу Осенсеи и други. Главна цел на оваа прекрасна акција е промовирање на планината Плачковица со нејзините убавини, кањонот Камник како и досега непознатиот за јавноста Комитскиот кањон како што милуваат да го нарекуваат самите мештани од овој крај. Според информациите од членот на раководството Милорад Ангелов и претседателот Александар Санев, организаторите во потполност го подготвија теренот и патеката околу овие кањони, со напомена за носење на кацига, полесна планинарска опрена и помали ранци поради теснотијата и стрмноста на некои предели и по можност носење на резервни патики поради големите водостои во коритито на самите кањони. Дисциплината мора да биде на високо ниво со достоинствена почит кон беседите на самите искусни планинари кои ќе се грижат за искачувањето, движењето и за самата безбедност на сите учесници. Целата патека ќе биде во кружен формат со времетраење од 7 – 8 часови а за сите посетители се подготвени храна и маици со новото лого на кањонот Камник со цена на учество од 250 денари по учесник. Пријавувањето за оваа акција ќе биде најкасно до петок 23 април оваа година на телефоните 078 476 716 и на 070 210 063 а ДПС Лисец го задржува правото на измени на терминот доколку временските услови не би биле погодни за ваквиот настан.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk