
До средината на јануари се очекува склучување на договор за изградба на старечки дом во Општина Кочани. Станува збор за проект кој ќе се реалзизира со помош на Владата како дел од вториот повик. Дополнително, потпишан е договор за изградба на старечки дом во Кавадарци, а се очекува да се надминат техничките проблеми за да почне со работа старечкиот дом во Пробиштип.
„Вториот кој веќе е распишан од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади на 31 декември е старскиот дом во Кавадарци. Во Пробиштип веќе има проект кој е добиен, но заради технички проблеми се чека за и тој да стане реалност. И уште неколку други се во фаза на разгледување“ – вели Велковски.
Кога станува збор за дом за стари лица во Штип, потребно е надминување на сите правни елементи со цел граѓаните од третата доба да добијат место каде ќе може да бидат згрижени. Велковски истакна дека се прават напори и се водат разговори за овој дом да стане реалност. Домот за стари лица е изграден до пола и оставен на забот на времето, а за негово дозавршување напори има и од страна на Здружението на пензионери Штип.
„Треба првин да се разрешат тие правни елементи кои не зависат од нас како министерство“ – додава Велковски.
Во Истокот од државата дом за стари лица има само во Берово, но неговиот капацитет не е доволен за граѓаните од регионот.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет