Дориан Бабунски е нов играч на Сепси од Романија, Бесар Гуџуфи го засили Партизани од Тирана

Повремениот македонски репрезентативец Дориан Бабунски кариерата ја продолжува во романското првенство, откако се договори со тимот на Сепси.

28-годишниот напаѓач во романскиот тим доаѓа од редовите на швајцарски Грасхоперс, а во новиот клуб ќе настапува со македонскиот репрезентативец Исник Алими.

Бабунски има четири настапи за македонската репрезентација до 17 години со еден гол, за репрезентацијата до 19 години запиша четири настапи со три гола, за репрезентацијата до 21 година има девет настапи, а пак за македонската А селекција има седум настапи.

Својата кариера Бабунски ја започна од У-17 тимот на Реал Мадрид, потоа настапуваше за Фуенлабрада, по што направи преселба во Словенија каде настапуваше за Олимпија и Радомље, Бабуски имаше своја авантура и во Јапонија каде настапуваше за две екипи. Од Јапонија потоа Бабунски дојде во Бугарија во тимот на Ботев Враца, па го засили тимот на Дебрецин од Унгарија, а од каде во август 2023 година го засили швајцарскиот тим Грасхоперс, а од таму сега прави трансфер во Сепси.

Сепси е на седмото место на табелата со 30 бодови, а шампионатот во Романија започнува на 17. јануари.

Бесар Гуџуфи кариерата ја продолжува во албанскиот шампионат, каде ќе настапува за тимот Партизани од Тирана. 20-годишниот напаѓач се раздели со Шкупи, за кој во есенскиот дел одигра 12 натпревари, постигна еден гол и запиша една асистенција.

Претходно, тој беше дел од младинскиот состав на турски Бешикташ, а исто така настапуваше за Беласица и младинскиот тим на Вардар.

Александар Ванев, М-Нет