Доминик Мате – големо европско име засилување за ГРК Охрид

ГРК Охрид продолжува со сериозно засилување на ростерот за следната сезона, откако клубот го промовираше унгарскиот репрезентативец Доминик Мате како второ ново име во тимот.
Станува збор за ракометар со импресивни физички карактеристики – висок 202 сантиметри и тежок 108 килограми, кој настапува на позицијата десен бек. Мате, кој денес го прославува својот 27. роденден, во Охрид ќе го носи дресот со број 23.
Зад себе има богато интернационално искуство. Во редовите на охриѓани пристигнува од норвешки Елверум, тим кој е лидер во домашното првенство и редовен учесник на европската сцена. Претходно настапуваше и за ракометните гиганти ПСЖ и Киелце, како и за унгарскиот Балатон, што доволно говори за неговиот квалитет и реноме.
Мате е стандарден член и еден од носителите на играта на унгарската репрезентација, со бројни настапи на големите натпреварувања како светски и европски првенства.
„Мило ми е што ќе го облечам дресот на ГРК Охрид. Од првиот разговор бев импресиониран од проектот и плановите за идниот период. Едвај чекам да ги запознаам фановите и се надевам дека ќе имам клучна улога во остварувањето на нашите цели – освојување на титулата и што подобри резултати во Европа“, изјави Мате.
Со вакви засилувања, ГРК Охрид јасно покажува дека амбициите за следната сезона се високи – напад на домашниот врв и сериозен исчекор на меѓународната сцена.