
Дождлив последен пазарен петок за месец ноември во Штип. Утринава купувачи и немаше многу, меѓутоа по дождот штипјани одеа на градскиот пазар да ги купат потребните продукти. Иако, во раните утрински часови се чинеше дека лошото време целосно ќе го испразни пазарот, сепак, според продавачите, пазарниот ден и не помина толку лошо. Цените – задоволителни и на стабилно ниво споредбено со претходните недели. Нешто се продаваше и за повисока цена, нешто, пак, за пониска. Купувачите ваквата ситуација ја коментираат – за кого како.
„Пазарот е скап, ама зависи кој колку пари има. За средната класа е скапо, а за поимотните не е. Цената е иста, нема разлика.“
„Не гледав многу, само праз зедов и зелка. Празот е 150 денари од снопче, а зелката 25 денари. Тоа само, друго не гледав. Минатиот петок не бев.“
„Па, јас мислам дека е како минатитот пат. Цените се пристапни. Ние сме и пензионери, ама добро е.“
„Не се, исти се. Доматот е намален, добро е, сега е по 30 денари, а беше 60 денари. Добро е, не може да се одрече, но цените во продавниците секој ден се покачуваат, а платите не.“
„Слабо е, уште е рано. Дожд врне и ладно е времето, па затоа. Цените се тие, можеби, нешто е малку покачено, нешто не.“
А производите на тезгите можеа да се најдат по следните цени:
Јапонски јаболка – 20 денари,
Доматите – 30 денари,
Кивите – 50 и 30 денари,
Кикиритките – 150 и 180 денари.
„Дали цените се достапни за секого?“ е прашање на кое секој различно одговараше. Најчесто, ставот на продавачите е дека нема значително покачување на цените. Некои купувачи велат дека пазарот е скап, а други, пак, дека цените се разбирливи имајќи ја предвид надолната линија по која се движи производството годинава.
Ребека Спасова МНет