
Детонит Плачковица дефинитивно е игра допадлив фудбал сезонава и е пријатно изненадување во второлигашкиот фудбал на Македонија. Радовишани направија компактен тим кој дава резултати кои може да го однесат Детонит Плачковица и до историски пласман во Првата македонска фудбалска лига.
Стратегот Горан Здравков знае како против големите фаворити кои се главни претенденти за Прва лига. По Вардар, денес на ред дојде и Гостивар. Детонит Плачковица на гостински терен откина два големи бода од Гостивар (1:1) и го спушти на второто место на табелата.
Ремито со радовишкиот второлигаш Гостивар го чинеше губење на лидерското место, со што сега е втор со бод негатива во однос на Вардар, кој по едно коло на второто место се врати на врвот во Втората лига.
Детонит Плачковица има 7 победи, четири ремија и само два порази со гол разлика од 20 постигнати и 12 примени погодоци, па слободно можеме да кажеме дека радовишани имаат одлична одбрана по овие 13 одиграни натпревари.
Интересно е тоа што Детонит Плачковица за 3 месеци два пати славеше над прволигашот Академија Пандев на пријателски натпревари. На последниот, одигран за време на репрезентативната пауза, на стадионот „Кукуш“ во Турново, Детонит Плачковица со 2:3 славеше над Академија Пандев, а тоа беше одличен тест за денешното дерби со Гостивар, кое заврши без победник (1:1).
Ако ги погледнете досегашните резултати на Детонит Плачковица, ќе видеме дека радовишани имаат победи над големи клубови, кои во минатото значеа многу во македоскиот фудбал.
Сезоната беше отворена со триумф од 2:0 над Беласица во Радовиш, во Тетово беше поразен Тетекс со високи 1:3, па следуваше ремито (1:1) со најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар.
Во рамки на 4. коло Детонит Плачковица во Гевгелија го впиша првиот пораз, од Кожуф со 0:2, но брзо се врати со две победи, откако славеше над Арсими со 3:1 на домашен терен, на истиот тој терен во Радовиш падна и Пелистер со минимални 1:0.
Вториот сезонски пораз Детонит Плачковица го имаше на „Билјанини Извори“ во вонредното коло со Охрид 2:0, а потоа започнаа со позитивната серија резултати.
Победа над Борец (1:0), реми со Караорман во Струга (1:1), триумф над Локомотива (3:2), реми со Саса (1:1), висок триумф над Беса (3:0) пред репрезентативната пауза, и денес реми со Гостивар (1:1).
Во следното коло на домашен терен Детонит Плачковица ќе одигра уште едно дерби, овој пат против Воска Спорт, екипа која исто така важи за главен претенден за директен историски пласман во ПМФЛ.
Охриѓани во Радовиш ќе мораат да дојдат со „рецепт“ кој ќе обезбеди три бода, но против четата на Здравков ќе биде многу тешко, особено ако се земе фактот дека Детонит Плачковица на домашен терен има силна поддршка од домашните навивачи, фактот дека на домашен терен нема пораз и дека тука падна Пелистер, а Вардар мораше да се задоволи само со бод.
Во такви околности, Детонит Плачковица ќе цели кон цел „плен“, ново изненадување и напаѓање на местата кои водат во Првата македонска фудбалска лига.