
Овој викенд се играат натпреварите од 13. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток, а дерби-пресметката се игра во Виница каде ланскиот второлигаш Слога го предизвикува лидерот Вардарски во борбата за трите бодови и првото место кое води во баражот за Втора лига. Гледачите денес ќе имаат можност да го проследат во живо дербито во Виница, помеѓу екипите на Слога и Вардарски.
Ова ќе биде дуел на третопласираната Слога и првопласираниот Вардарски, бодовната разлика меѓу овие две екипи е 10 бода, со тоа што Слога има натпревар помалку во однос на Вардарски.
Ова коло ни носи уште едно дерби кое се игра во Дојран, каде второпласираниот Овче Поле ќе биде на тест против Дојранско Езеро ако сака да го обезбеди баражот за Втора лига.
Малеш на Градскиот стадион во Берово ќе игра против Рудар, во меч каде трите бодови се императив и за двете екипи и каде и двете екипи ќе ги бараат првите пролетни бодови, а со тоа и да го поправат пролетниот впечаток.
Во Струмица ќе се соочат Тиверија и Карбинци во дуел каде гостинскиот тим ќе има тежок меч и каде трите бодови силно ги посакуваат со цел да не завршат на дното од табелата. На овој меч фаворит за трите бодови ќе биде струмичкиот третолигаш.
Александар Ванев, М-Нет