Дерби на Тиквеш и Брегалница, предизвик за Вардар и Гостивар

фото: ГФК Тиквеш

Дерби во Кавадарци на лутите ривали, дерби за докажување и излез од резултатската криза на Вардар и Гостивар.

Осмата рунда носи интересни пресметки во Првата македонска фудбалска лига.

Брегалница денес го игра дербито со Тиквеш каде во Кавадарци ќе бара враќање на победничките патеки, откако нанижа два порази во Првата лига.

Брегалница ќе има навистина тешко госстување во Кавадарци против одличниот Тиквеш кој е силно мотивитан за “сините” особено после победата над Вардар. Штипјани ќе имаат тешка задача бидејќи Тиквеш ќе има значителна предност поради домашниот терен и верните “Лозари” кои ќе направат “пеколна” атмосфера за гостинот од Штип.

Брегалница ќе атакува за прва сезонска победа на гостински терен, но и за прв гол на гостински терен, а Тиквеш сака нова победа и продолжување на одличните резултати.

Во Скопје се игра дерби на ланските второлигаши Вардар и Гостивар, дерби за три бодови, дерби за излез од резултатска криза, дерби за престиж, дерби можеби и за опстанок. Гостивар иако “фрли” многу пари, има најскап тим, најскапо платени играчи, но нема резултати, но и Вардар не е сјаен, а денешните три бодови се шанса и за двете екипи за евентуален прогрес. Гостивар е последен со 3 бода, а најтрофејниот Вардар со 4 бода е претпоследен.

Воска Спорт на домашен терен ќе игра со Шкупи во тежок и важен натпревар за охриѓани.

Шкупи ќе има блага предност на “Билјанини Извори” поради прволигашкото искуство, а Воска Спорт ќе се потпира на домашниот терен и публиката.

Трите бодови се многу важни, особено за Воска Спорт која силно посакува победа и прогрес.

Шампионот Струга Трим Лум на домашен терен ќе игра против Работнични каде традицијата е на страната на стружани. “Романтичарите” немаат победа над Струга од 16. февруари 2020 година, оваа долга лоша серија ќе биде предизвик за гостинот од Скопје, во соочувањето каде Струга ќе биде фаворит за целиот “плен”.

Шкендија на домашен терен ќе игра против Македонија ЃП, во меч каде четирикратниот шампион од Тетово ќе ја има улогата на фаворит против “лавовите” од Ѓорче кои не се во посакуваната форма.

Брера во Струмица ќе игра со Силекс во меч каде домашниот тим ќе атакува на триумф за излез од мини резултатската криза, а кратовци и со бод би биле задоволни од тешкото гостување во Струмица.

Сите натпревари ќе започнат во 15 часот.