Дербито од ОФЛ Тетово меѓу Вардар Брвеница и Доброшти со полни трибини и врвна организација!

Уште една потврда дека дерби натпреварите кај нисколигашите во Македонија предизвикуваат поголем интерес отколку дерби во Првата македонска фудбалска лига.

Телевизија М Нет многу пати известувала за дерби натпревари од Четврта и Петта лига, кои ги полнеле стадионите со домашни и гостински навивачи, со врвна организација каква што ниту прволигашите не организираат.

Во рамки на 21. коло од Општинската фудбалска лига во Тетово или Четвртата лига, се одигра дерби меѓу третопласираниот Вардар од Брвеница и второпласираниот Доброшти, меч кој заврши без победник со по еден гол (1:1). Но, овој натпревар беше организиран на многу високо ниво, што потврди дека клубовите кои се натпреваруваат во ниските лиги во Македонија располагаат со одлични организациски способности пред се поради фактот што имаат креативни понуди за самата публика, а токму и преку тоа ги полнат трибините до последното седиште.

На четири кола до крајот Велазерими од Слатино е на првото место со 51 освоен бод, на второто место е Доброшти со 42 бодови, а пак Вардар од Брвеница е трет со 41 бод. Шарри е на четвртото место со 38 бодови, а пак некогашниот прволигаш Ренова е на петтото место со 35 освоени бодови.

Александар Ванев, М-Нет