Денес се празнуваат светите 40 маченици – Младенци од Севастија

Денес се празнуваат светите 40 маченици – Младенци од Севастија. Сите овие б
иле
војници во римската војска, но цврсто веруваа во Господ Иисус Христос. Кога настана гонење, во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, одговори: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии. Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа. Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата. Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците. Но, ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповедаше името на Господ Иисус Христос и влезе во езерото за и самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот. На третиот ден светите маченици му се јавија на тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците. И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа. Ги погребаа чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.
Денеска во Штип се празнува обичајот „Четрсе“, кој меѓу другото е поврзан со силната вера на 40 римски војници

Иван Митев, М-Нет