Денеска велики понеделник, започна страдалната недела

Денеска велики понеделник, започна страдалната недела. Првите три дена oд оваа седмица Велики понеделник, Велик вторник и среда, се посветени на последните беседи и поуки на Господа Исуса Христа кон апостолите и кон луѓето. Во овие три дена се извршува чинот мироварение, кога деноноќно се вари мирото, кое содржи 40 разновидни миризливи состојки, кои се дар од богосоздадената природа. Три дена дури се вари и прави мирото, се чита Евангелие, а потоа добиеното осветеното миро, се користи за миропомазување. Поради величението на настаните од оваа седмица, сите денови се наречени како ,,Велики“, кои се најтешки денови и според православната вера треба да бидат исполнети со молитви и богослужби. Во овие денови треба да се сфати големата трогателност, како и да се присетат луѓето на гревовите, кои ја озамрачуваат душата и се заробеници на мирот.

Светата Црква определила во овие три дни, на богослужбените часови се чита целото Четвороевангелие. Тоа има за цел да покаже дека Господ Исус Христос со Својот богочовечки живот на земјава, со сè што учел и правел, им се покажал на луѓето дека е вистински Бог и вистински Човек, односно Богочовек и затоа Неговите страдања се спасителни за луѓето. На овој ден некогаш домакинките ги одбирале најубавите јајца од гнездата на кокошките и ги припремале за ќиснење во вода, кој пак обичај се практикувал ноќта во среда наспроти четврток.

Иван Митев, М-Нет