„Демонот од Дебар Маало“ утре премиерно ќе се одигра на сцената на штипскиот Театар

„Демонот од Дебар Маало“ на Горан Стефановски в сабота ќе се оживее на сцената на штипскиот Театар. Театарскиот ансамбл работеше под режисерската палка на Наташа Поплавска, која за процесот на работа вели дека ќе го памети како најубав процес во нејзината кариера. Вели дека се надева оти претставата ќе ја плени публиката и ќе го полни Театарот.

„Исклучително убав процес имавме со целата екипа, ансамблот е прекрасен, има талентирани актери со коишто овој театар допрва ќе расте и ќе ги освојува публиката и регионот. Капацитетот на ансамблот покажува интерес за кршење, за рушење на границите, поставување на нови стандарди, нови театарски естетики“, вели Поплавска.

Берберинот Коце за едните станува Херојот за другите Демонот од Дебар Маало, вака актерите го објаснуваат сценариото за претставата. Задоволни од процесот на работа, упатија отворена покана до штипската публика – да дојде и да го види делото на Стефановски на сцена.

„Приказна за еден бивш човек во една бивша држава со бившо минато и бивша иднина. Навистина, имавме еден интересен процес со позитивна енергија, за прилично кратко време ја направивме оваа претстава“, вели актерот Пеце Ристевски.

„Целиот процес одеше со некоја леснотија, сцените брзо се поставуваа и мислам дека направивме нешто што ќе се игра долго на нашата сцена“, вели актерката Марија Минчева-Андонов.

„Кога ќе се прочита делото и кога ќе се изгледа ова што го направивме сите заедно, тоа маало може да биде насекаде во Македонија. Може да биде Горно Маало во Штип“, вели актерот Владимир Тулиев.

„Повелете, в сабота, да уживаме и да се забавуваме, да имаме убава претстава“, порача актерот Миле Вратеовски.

Претставата е четврта премиера годинава во штипскиот Театар и со ова се завршува полу-сезоната. Премиерата е утревечер, но репризните изданија ќе може да се видат дури наесен.

„Она што сакам е прво да се заблагодарам на сите вработени, сите актери, па и на оваа прекрасна личност, пред сѐ, а потоа и режисерка, којашто имаше прекрасен процес во работата на оваа претстава. Под овие жешки услови коишто нѐ фатија сите смогнавме сили да го завршиме овој проект, да не го префрлиме за во септември“, истакна директорот на НУЦК, Горан Трајков.

Претставата е поддржана од Министерството за култура и е втора од ваков тип, бидејќи првите две беа самофинансирачки од Центарот за култура „Ацо Шопов“. До крајот на годинава се очекува да има вкупно седум премиери во штипскиот Театар.

Ребека Спасова М-Нет