
Околу четириесетина студенти во сите четири години ги изучуваат македонскиот јазик и книжевност на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип. И покрај тоа што се ослободени од партиципација, студентите, за жал, не покажуваат голем интерес за оваа насока. Деканката на Филолошки, Луси Караниколова-Чочоровска, по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, посочува дека јазикот се чува секојдневно и тоа треба да го правиме сите.
„Јазикот се негува така што се зборува правилно, се инсистира да се пишува кирилица, затоа што такво е нашето писмо – кирилично, а по однос на прашањето дали има промена, допрва следуваат уписите за наредната академска година. Меѓутоа, ние можеме да кажеме дека секоја година, најмалку три-четири години наназад, сите студенти што се запишуваат на Катедрата за македонски јазик и книжевност се ослободени од партиципација, а дека интересот е нешто многу зголемен и покрај тоа можам да кажам дека не е. Претпоставувам дека тоа е така заради растечкиот тренд на иселување на младите луѓе од државава“, вели деканката Караниколова-Чочоровска.
Според Караниколова-Чочоровска одговорни за зголемен интерес за изучување на јазикот и книжевноста се сите филолошки факултети, како и јазичните институти. Со цел зголемен интерес во следната академска година Филолошкиот факултет спроведува кампања.
„Секогаш е потребно повеќе да се вложи во зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик. Се разбира дека како професори од Катедрата за македонски јазик и книжевност не само на Филолошкиот факултет во Штип, туку сите филолошки во Македонија, па и институтите коишто имаат сродна насоченост се одговорни во тој процес и тоа се прави секојдневно“, додава Караниколова-Чочоровска.
Денот на словенската писменост се прославува во чест на браќата Кирил и Методиј кои го описмениле целиот словенски свет истовремено ширејќи го и христијанството. Тоа се случува во 863 година со Моравската мисија.
Ребека Спасова М-Нет