Дедо Дане од Штип ја постави тезгата за продажба на Бадниковите гранчиња

Во пресрет на Бадник и божиќните празници во централното градско подрачје во Штип веќе може да се забележат тезги на кои се продаваат бадникови гранчиња. Дедо Дане веќе повеќе години по ред продава гранчиња кој самиот ги собира, ги уредува за да бидат подобри на изглед и ги нуди на граѓаните. Вели се бараат и се продаваат. Цената симболична од 10 до 20 денари.

„Одам горе во шумата и сега овие денови, набереме, убаво ги испеглам, дотерам малку да личе на гранче за трпезата“ – вели Дане.

Симболиката на Бадниковите гранчиња ја обележува радоста за Христовото раѓање, вели Дане. Токму затоа тој е овде овие денови, продавајќи Бадникови гранчиња.

„Јас сум оддодамна на овоа место и добро се трошат. Ова гранче е симболот на православната вера, кога Исус се родил овчарите со вакво гранче ја запалиле за да ја осветлат пештерата да се види каде е детето. И како симбол останало, да се има во домот“ – додава Дане.

Бадниково гранче е отсечен дел од дабово дрво, кое според традициите на православните христијани во Македонија, а и скоро во целиот православен словенски дел на Балканот треба да се постави во огништето или каминот и да гори за Бадниковата Вечер. Општо и целата куќа се украсува со Бадникова гранчиња.

Традицијата на украсување на домот со бадниковото гранче се забележува уште од 4 век. Бадниковото гранче, кое го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Тоа е гранче од дабово дрво, а во дамнешните времиња овие дрвја се сметале за најиздржливи и за највековити. За разлика од другите листопадни дрва, со почетокот на есента листовите од дабот ја менуваат својата боја, но повеќето од нив се задржуваат на гранките во текот на зимата. Според народните верувања, токму со ова дрво праведниот Јосиф запалил оган за да ги затопли штотуку родениот Исус и неговата мајка Марија.

Бадниковото гранче се нарекува и дрво на животот, исто како она дрво на животот во рајот што симболично дава вечност. Како што дабовото дрво најдолго држи жар, така оној што ќе си постави во домот верува дека го чека вечен живот дури и по смртта. Бидејќи дабот симболизира долговечност, здравје и издржливост народните верувања велат дека со внесување на дабовите гранчиња во домот неговите особини ќе се пренесат на сите оние луѓе што живеат во тој дом.

Лаура Стојанова М-Нет