Дебата за и против влез во ЕУ, студентите на Правен факултет го одбележаа Денот на Европа

Со дебата за и против влез во Европската Унија, Правниот факултет при УГД го одбележа Денот на Европа. Деканката, Олга Кошевалиска, посочи дека ова е еден од начините да се даде простор на студентите да го искажат своето критичко мислење.

„Постојано оставаме простор студентите да истажуваат во текот на нивните студии и да го презентираат своето критичко мислење, како што ќе биде и на денешната дебата – за и против во пристапувањето кон Европската Унија. Тоа се мал дел од нашите активности со коишто постојано гледаме да го збогатиме портфолиото на нашите студенти“, истакна Олга Кошевалиска, деканка на Правниот факултет при УГД – Штип.

Прашањата како името, културата и историјата не би требало да прашања во преговарачката рамка. Ова е ставот на студентите кои во дебатата учествуваа ПРОТИВ влезот во Европската Унија.

„Јас сум дел од тимот на негативците коишто сме против влезот во Европската Унија. Ние започнуваме од самата преговарачка рамка, којашто започнува уште во 1998 година и имаме за цел да ги истакнеме сите недоследности во истата. Се повикуваме на заклучоците од Арбитражната комисија, формирана од ЕУ на 19 јануари 1995 година“, вели Марија Николова, студентка на Правниот факултет.

Зголемена економска и политичка стабилност, повеќе странски инвестиции и подобрување на образовниот и здравствениот систем се бенефитите кои ги посочуваат оние кои во дебатата беа ЗА влез во ЕУ.

„Нашиот тим смета дека при влезот во Европската Унија ќе имаме зголемена, како економска, така и политичка стабилност, ќе имаме пристап до единствениот пазар, каде што ќе имаме зголемен број на странски инвестиции, којшто ќе тргуваат без царини или трговска бариера, ќе имаме подобрување во образовниот систем и здравствениот систем, каде ќе се привлекува квалификуван кадар од останатите европски држави, а ќе имаме пристап и до лекови и технологии“, вели Теодор Глигоров, студент на Правниот факултет.

Инаку, овој ден е прогласен како Ден на Европа во Милано, во 1955 година. Во 1951 година беше формирана Европската комисија за јаглен и челик, која потоа прерасна во Европска економска заедница, а во 1991 година во Мастрихт беше прогласена Европската Унија.

Ребка Спасова М-Нет