Две кутии цигари за килограм тутун – карбинско се откажува ако цената на тутунот и годинава остане иста

Две кутии цигари – еден килограм тутун, вака тутунарите од карбинско ја раскажуваат својата мака. Велат дека трошоците одат нагоре, а цената на тутунот стои во место. Со намалени субвенции и скапа нафта, велат дека се помалку им се исплаќа годинава да работат. Ако ништо не се смени и оваа година, предупредуваат, се повеќе ниви ќе останат без тутун.

,,Лани имал сум 20 декара, оваа година сакам да ги намалам, оти субвенциите се мали, нема веќе сметка да се работе. Ни кажуваат дека 80 денари ќе била субвенцијата, а лани зедовме 120 денари. Две кутии цигари едно килограм тутун, значи нема не се исплаќа повеќе да работеме, како што се исплаќаше понапред, значи се се качи. Сите знаеме дека нафтата отиде речиси 100 денари, цигарите ги покачија, а на нас цените не ги качуват, само држат цена 420, 430 денари. Човек треба да е задоволен, за да има волја да работи. Расадот никна, ама цело село се жали. Времето добро е, нема мраз.“, вели Имеит

И оваа година тутунопроизводителите бараат откупната цена на есен да биде над 500 денари, пониску како што велат да не се ниту размислува. Ако цената остнае иста, велат многумина се решени да се откажат.

,,Испод 500 денари надолу не треба да е, но задолжително да се оди само прва класа, а не ние да дадеме тутунот прва класа, а некој трета на местото каде е за прва класа. Не еден по еден, туку сите ќе се откажиме. Јас живеам во планинско село, веќе 15 души се веќе преселени во Штип и одат на државна работа. Нашето село некогаш имаше 100 тони тутун, сега оваа година имаше 50 тони. На оваа цена ако се држи, ќе се откажуваат.

Согласно ситуацијата, тутунот во изминатиот период се продаваше за околу 430 денари за прва класа. Тутунопроизводителите тврдат дека имало нефер практики при продажбата, бидејќи тутун од трета или втора класа се продавал како за прва класа. Бараат одговорност и чесност од оваа есен.

Иван Митев, М-Нет