Два нови автобуси ќе набави ЈП Стипион годинава, претходната година ја заврши со добивка од 1,2 милиони денари

ЈП „Стипион“ ја заврши 2024 година со добивка од 1,2 милиони денари. Како што вели директорот на претпријатието, Панче Стефановски, добивката е благодарение на домаќинското и одговорно работење. Со парите ќе се инвестира во набавка на две нови возила за јавен превоз.

„Јавното претпријатие „Стипион“ изминатата година ја заврши со добивка од 1,2 милиони денари. Оваа добивка е условно кажано бидејќи нашата цел не е да генерираме добивка туку со рационализирање на расходите и домаќинско работење да успееме да заштедиме средства и завршување на работните активности. Освен позитивниот биланс изминатата година успеавме да инвестираме во два нови автобуси и во ровокопачка. Оваа година ќе набавиме две нови возила во дејноста јавен превоз.“ – вели Стефановски.

Со набавката на новите возила за јавен превоз ќе се зголеми бројот на линии и термини во Штип, до приградските штипски населби, а тенденција е и до Општина Карбинци. Со ова дополнително ќе се вработат и нови лица во ЈП „Стипион“.

„Секако дека со набавката на новите автобуси ќе го зголемиме бројот на линиите и термините на автобусите, како и човечкиот потенцијал во претпријатието“ – додава Стефановски.

Кога е во прашање јавниот превоз во Штип, најпрво беа набавени шест автобуси за потребите на граѓаните кои се движеа на неколку линии неколку пати во текот на денот. Во перидот од август 2023 од кога се стави во функција градскиот превоз во Штип до денеска се набавија уште четири автобуси и моментално има десет.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет