
На магистралниот пат Струмица – Штип, кај клучка кај Радовиш, синоќа, патничко возило „Ауди Q7“, со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, во кое се превезувале 12 мигранти од Сирија, удрило во запрено товарно возило, сопственост на МВР. При тоа, еден од мигрантите починал, а друг се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал во Медицинскиот центар во Штип. Со тешки телесни повреди се здобиле и дел од останатите мигранти, а при ударот со телесни повреди се здобил и еден од полициските службеници.
Во Клиничка болница Штип биле хоспитализирани осум лица, дознаваме од портпаролот, Марина Шуманска.

–Од нив, еден наш државјанин, и седум емигранти од Сирија. Лицата се донесени со тешки телесни повреди. Еден од нив е починат, двајца се во шок соба. Во шок соба едниот е опериран, а останатите пет се под опсервација уште и моментално во стабилна состојба на Одделението за хирургија – изјави Шуманска.
Додека бил вршен увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица сообраќајот на овој патен правец синоќа бил еден час во прекин, по што бил пренасочен по спореден пат.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ДАРКО ДОНЕВ