Да се вклучи алармот за заштита на Осоговските планини советуваат биолозите

Жолтика е вид растение кое расте само кај Царев врв на Осоговските планини и на ниту едно друго место во светот, алги, пеперутки, инсекти се само дел од ендемските видови кои се сретнуваат на Осоговските планини. Специфичната клима која е на средина меѓу континентална и медитеранската, како и посебната вегетација ги прават Осоговските планини доста специфични.

„Осоговските планини се вториот планински масив по големина во нашата држава, најголем во Источниот дел од државата и се карактеризира со повеќе распослани планински била кои се разидуваат од големите врвови. Осоговските планини се разликуваат и по нивната вегетација, тоа е планина со континентална клима и е интересно тоа што се сретнуваат видови кои се карактерсистични и за медитеранот, ама имаме и континентални видови“ – вели Китанова.

Од овде се појавува и потребата за заштита на осоговието. Разумно користење на шумите и пасиштата како и на рудните богатства е неопходно за да може да се користат и во иднина. Китанова вели алармот треба да се вклучи за Осоговските планини да бидат вистински и целосно заштитени.

„Оваа планина е богата со природни ресурси, од секогаш низ векови луѓето ги користеле ресурсите на оваа планина како пасиштата, шумите така и рудните богатства. Се ова води до тоа дека треба да го вклучиме алармот за паметно користење ресурсите на Осоговските планини“ – додава Китанова.

Во меѓувреме започна реализација на проектот за заштита на биодиверзитетот на Осоговските планини. Согласно истиот е предвидено да се одржуваат работилници во кои ќе бидат вклучени и децата од основните училишта во Кочани со цел да се работи на заштита на Осоговските планини.

Лаура Стојанова М-Нет