
Екипата на Брегалница запиша и четврти нерешен резултат во ова прволигашко друштво. Она што радува е тоа што конечно по две сушни и без голови утакмици, стрелците конечно почнаа да се будат и веќе на два натпревари постигнаа 4 голови. Голот на Дарко Додев во 94 минута беше зачинет со огромна радост и на играчите и на навивачите кои беа верни на сините во текот на целиот меч. Тоа преставува одлична увертира пред претстојното 5 коло во кое на „градски“ во Штип ќе гостува засега водечкиот тим на Академија Пандев од Струмица. Тоа ќе биде меч со две острици во кој ќе се соочат две непоразени екипи досега. Но, да се вратиме на мечот во Велес. Она што фрла дамка по социјалните мрежи и некои спортски портали е невкусната реакција и навредлива содржина поврзана со примениот гол кој паѓа на душа на голманот Давид Денковски. Точна е неговата вина, се гледа убаво неговата грешка, но кој голман би сакал да се случи такво нешто. Не за џабе голманите го носат бројот 1, џабе им се и сто одбрани ако барем еднаш погреши и тој е жигосан од сите. Давид Денковски е млад голман роден на 17 август 2000 година и со своите одлични одбрани веќе зачука на македонскиот младински национален дрес. Одличен е гестот на стручниот штаб на Брегалница да му даде шанса токму на вакви тешки натпревари и тој досега тоа одлично го правеше, се до моментот вчера во Велес. Но. и тоа не е крај на светот, Денковски треба и понатаму да ја добива вербата од своите тренери, колегијалноста од своите соиграчи и подршката од најважните – навивачите. Уште еден важен детал е поврзан со Давид Денковски. По натпреварот со Шкендија Денковски и судијата Јован Качевски беа изложени на жестоки напади од раководството на тетовчани за неговиот бескомпромисен излет надвор од казнетиот простор, спаси сигурен гол,но и доби жолт картон. Реакцијата , притисокот и психичкиот прогон од Шкендија си го направија своето, бараа црвен картон и тоа е една можеби од причините за психозата и реакцијата на Давид Денковски. На мака се познаваат јунаците и Давид Денковски ќе ја има сета подршка од спортската редакција на Мнет ТВ и во понатамошниот период.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk