
Грипот ги полни матичните ординации во Штип, но ситуацијата не е алармантна, а пикот се очекува во месец февруари. Пред почетокот на второто полугодие лекарите велат бројките се речиси идентични како и претходните години и нема простор за паника. Пацинетите се со симптоми како кашлица, главоболка, малаксаност, а најчесто матичните ординации се посетуваат заради покачена телесна температура.
„Симптоматологијата е типична за грип и респираторни болести, висока тенпература до над 39 степени, малаксаност, намален апетит, гадење, главоболка. Грипот не се лекува со антибиотик, туку со мирување, со течности, лекови кои ја намалуваат температурата и секако изолација.“ – вели Митрова.
Не може да се направи строга граница меѓу возраста на пациентите кои бараат лекарска помош, вели Митрова, бидејќи од грип се заболуваат и повозрасните и децата. Но, најважно е да се следат препораките на матичните лекари со цел побрзо да поминат симптомите кои се јавуваат од грипот и горнореспираторните болести.
„Препораките остануваа исти, да се мијат раце, да се проветруваат просториите, оние кои веќе почнуваат да манифестираат симптоми да останат дома седум дена, бидејќи толку траат симптомите, но малаксаноста и кашлицата можат да продолжат“ – вели Митрова.
Зголемување на бројот на заболени со грип има на ниво на цела држава според информациите на Институтот за јавно здравје, ама ситуацијата се уште се држи под контрола.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет