Иницијативата „Заедно“ треба да покаже колку граѓаните се подготвени да работат заеднички во подобрување на сопствената заедница.
Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ) од Штип преку својата иницијатива насловена „Заедно“ започна со собирање на донации за помагање на локалната заедница. Идејата е оваа иницијатива да собира средства кои ќе влегуваат во Фонд за млади на ФРЛЗ и потоа преку идеи од младите да бидат користени како грантови за проекти.

Направени се и неколку идејни решенија за паркот
Во моментов, како приоритетен проблем е немањето на доволно содржини за рекреација, посебно за децата и младите и моменталната акција, заеднички со Извидничкиот одред „Еквинокс“, е за собирање на средства за изградба на нов парк, велат од ФРЛЗ.
Средствата ги собираат по пат на донации, но и продажба на брендирани производи со своето лого. Исто така организираат и донаторски настани (спортски и културни манифестации на кои се собираат средства).
За полесен пристап на сите граѓани иницијативата има опција за електронско плаќање и донирање. Но, освен парични средства, добредојдени се и друг вид на донации, пред се волонтерска работа. Имено, сите вклучени во оваа иницијатива го донираат своето време за успешна реализација на иницијативата за изградба на паркот. Крајната цел е да се соберат средства, добра и услуги со кои комплетно ќе се заврши паркот, велат од Фондацијата.

Фондацијата има неколку искуства претходно во донаторска и хуманитарна активност, но за оваа иницијатива направиле и истражувања. Велат дека има интерес за донации од страна на граѓаните, но нема систем кој ќе го спроведува тоа.
Една од идеите за организирање на вакви иницијативи, покрај решавање на одредени приоритети, е да се развие филанторпската култура кај поединците и фирмите. Најдобар начин е да им се покаже на сите кои донирале дека нешто е направено со нивните донации и на тоа искуство да се градат следните акции, се додека не стане традиција и навика. Многу важна е и транспарентноста и отчетноста кон донаторите, а ФРЛЗ низ годините покажа дека е доверлив партнер на граѓаните, велат од ФРЛЗ.
Откако ќе ги соберат сите средства тие паркот ќе го изградат во месноста „Суитлак“ во Штип, а следните проекти ќе произлезат од идеи на младите луѓе кои се вклучени во оваа, а и во следните иницијативи. Паркот кој се планира треба да има мини адреналинска стаза, игралишта и други спортски содржини.