
Пливачкиот клуб ,,Челични,, од Штип под раководство на спортскиот педагог проф. д-р Мирко Јакимовски, веќе неколку години ги разбранува водите ширум македонските базени и по нашите езера.
Младите таленти често ги има и на меѓународните натпреварувања, од каде што се враќаат со вредни медали. Резултатите се потврда на оној штипски пркос, кој вели дека што полоши услови имаат спортистите, тоа се подобри и повредни резултати постигнуваат.
Штип по 60 годишна традиција остана без отворен базен, кој беше синоним за многубројни пливачи и ватерполисти, кои градеа кариера на сувоземен терен, односно град со река, но без езеро или море.
Штип го има и најстариот натпреварувач, кој сеуште е активен иако е роден таму некаде во 1951 година, односно скоро „врсник“ со до лани отворениот градски базен. Се работи за неуморниот Кирил Рамбабов кој паралелно со младите членови на „Челични“ тренира сега во зимскиот период на базенот во Куманово.

Тој е учесник на четири маратони од 2.5 км на Велешкото езеро и е добитник на награди за највозрасен натпреварувач, освојувач е на четири медали на мастерс трки, од кои ти златни и еден сребрен медал, во дисциплините: слободно, градно, грбно и делфин на 50 метри.
Моментално сите 15 пливачи на „Челични“ на базенот во Куманово, кој е со димензии 33 х 25 метри, се подготвуваат за домашните: Нептун куп, Делфин и Орион куп, како и за меѓународните митинзи во Благоевград, Бугарија и во Лесковац, Србија.

И во вакви услови неодамна Штип го разбранува проектот за изградба на затворен базен, кој би бил решение за пливачките клубови, за училишните секции и секако за рекреативците.
Спортскиот педагог Мирко Јакимовски го поздравува овој гест, со кој би се решил конечно овој проблем, но го изненадува податокот со димензиите на затворениот базен, кој според проектот ќе биде 25 х 9 метри, што не ги задоволува ни минималните услови за натпреварување, ниту за ватерполо.
Колку за потсетување димензиите на базенот Борис Трајковски во Скопје и на базенот во Куманово се 33 х 25 м. Со еден збор, ова би се прокоментирало како онаа штипска поговорка „Ај ќе правиме муабет шо не бива“. Останува на времето да видиме како ќе тече реализацијата и на овој проект.
Драги Герасимов – Пушка