Градоначалникот Јорданов во својот кабинет ги прими боксерските надежи на БК „Пинк Пантер“ им честиташе за првото место на „Олимписки надежи“ на „Опен Балкан“!

Голем успех за штипскиот бокс направија младите надежи на боксерскиот клуб „Пинк Пантер“, откако младите боксери предводени од искусниот тренер Петре Чурлиновски во последното осмо коло од меѓународното натпреварување „Опен Балкан“, кое се одржа во Охрид забележаа големи резултати. Во конкуренција од 64 екипи, штипјани го освоија првото место во категоријата кадети, а не застанаа тука – се закитија и со титулата најдобри во категоријата „Олимписки надежи“.

По повод овој значаен спортски успех, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, денеска во својот кабинет ги прими младите спортисти, каде лично им честиташе за постигнатите резултати. Градоначалникот упати искрени честитки и изрази цврста поддршка за во иднина, нагласувајќи дека општината ќе продолжи да инвестира во спортот и младите.

„Ова не е само спортски успех, туку и потврда дека со работа, дисциплина и визија, младите од Штип можат да бидат лидери во регионот. Општината ќе продолжи да инвестира во спортот и младите, затоа што тие се нашата иднина,“ истакна Јорданов.

Успесите на „Пинк Пантер“ се уште еден доказ дека штипскиот спорт расте и напредува со полна сила. Поддршката од локалната самоуправа, како и силната посветеност на младите спортисти и нивните тренери, покажуваат дека Штип има светла спортска иднина.

На меѓународното натпреварување „Опен Балкан“ настапуваат клубови од Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Романија.

Александар Ванев, М-Нет