
Гори во Теранци, Соколарци, Спанчево, Чешиново – Облешево. ТППЕ Кочани со сите расположливи средства, вклучувајќи и членови од ДПД Кочани, како и вработени во Јавното претпријатие во општина Чешиново-Облешево ги гаснат пожарите во кочанско. Командирот на ТППЕ Кочани, Драган Апостолов, вели дека ситуацијата е најалармантна кај село Соколарци, каде огнот се приближува до првите куќи и најголем дел од пожарникарите се стационирани таму со цел да го спасат селото.
„Од 11:00 часот сме на терен, мобилизирани сме целата екипа, а помош побаравме од ДПД Кочани, како и од вработени во Комуналното претпријатие во Општина Чешиново-Облешево. Гори во неколку села, претежно сува трева и стрништа. Пожарот кај Теранци се прошири кон планината Плачковица, но поалармантна е ситуацијата кај село Соколарци каде огнот се приближува до првите куќи. Засега сме овде со цел да го спасиме селото“, вели Апостолов во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.
За пожарот во с. Соколарци информираше и Регионалниот ЦУК Штип. Според информации од таму, гори сува трева, нискостеблеста шума и отпадоци, а поради силниот ветар пожарот се шири брзо. Во гаснењето е вклучено и месно население, а Ценатарот за управување со кризи ги известил и Дирекцијата за заштита и спасување и другите надлежни институции.
Ребека Спасова М-Нет