
Младиот и успешен боксер Иса Бајрам забележа огромен резултат на Европското првенство за кадети кое се одржуваше во Златибор, Србија, а каде тој го освои бронзениот медал, што претставува значаен резултат на македонскиот бокс, за македонската репрезентација и за градот Штип, но и за неговиот матичен клуб Пинк Пантер од Штип.
Како што вели селекторот Петар Чурлиновски овој резултат е голем и претставува плод на многу труд и работа.
„Доста добар успех кој го постигна боксерот Иса Бајрам во состав на репрезентацијата на Македонија т.е. во кадетската конкуренција, каде го освои бронзениот медал што значи успех за боксерската федерација на Република Македонија, успех за државата, како и успех за боксерскиот клуб Пинк Пантер од Штип, кој еве имаше можност и дојде до ситуација и да истиот најголем медал досега во историјата во постоењето на штипскиот бокс да го освои боксерот од Пинк Пантер, Иса Бајрам“, вели селекторот Чурлиновски за М Нет.
Искусниот селектор направи и една компарација со минатото и овој голем успех кој сега го направи Иса Бајрам.
„Да кажам и тоа дека имало и доста други позначајни медали некогаш во поранешна Југославија тогаш највредни беа медалите од Државните првенства на Југославија. Прв од тие зеде Митев Љубе бронзениот медал од 1981 година, потоа во 1982 година Демир Таир и Грбев Ристе исто бронзени во Панчево, имаме и златен медал од Панчево, безброи медали и трофеи“, дополнува Чурлиновски.
Подготовките за оваа Европското првенство на кое Иса Бајрам го освои бронзениот медал траеле подолг период.
„За учество на оваа Европско првенство подготовките се веќе наназад од минатата година, со плански и систематски предвидени натпревари, особено доста додоа значење учеството во Опен Балкан лигата каде имаше осум кола, тоа се осум меѓународни натпреварувачи“, вели Чурлиновски.
Бајрам се соочи со силни натпреварувачи, за да стигне до бронзениот медал на Европското првенство во Златибор, вели дека горд што ги брани боите на државата.
„Се чувствувам многу добро, горд сум, што донесов медал од Европското првенство, се надевам на многу поголеми успеси, ова беше само почеток. Тоа ќе ми биде многу голем мотив, да тренирам повеќе, да се трудам за поголеми успеси. Многу сум горд што го носам знамено на државата, да се бориш за татковината“, изјави Иса Бајрам за М Нет телевизија.
За младиот борач ова е голем успех, кој успех ќе му биде мотив повеќе за во иднина да нижи поголеми успеси, а сега фокусот ќе биде и на „Опен Балкан“ лигата каде го очекуваат нови предизвици.
Александар Ванев, М-Нет