Голем аплауз во Штип за голманката Кристина Младеновска Кузманоска на нејзиниот последен натпревар во дресот на Астибо

Голманката Кристина Младеновска Кузманоска го одигра својот последен натпревар во дресот на Астибо од Штип, а по завршувањето на мечот од 3. коло на Првата ракометна лига, клубот ѝ подари дрес, како спомен на едно големо поглавје што заврши на теренот.

Публиката во салата „Тошо Арсов“ со аплауз покажа почит кон Младеновска Кузманоска, која минатата сезона беше клучна алка во тимот од Штип.

Од клубот велат дека зад неа е долгодишна кариера, исполнета со труд, посветеност и љубов кон ракометот, дополнувајќи дека Кише е играч каков што секоја екипа би посакала да има и спортист од кој секој може да учи.

„Кристина Младеновска Кузманоска го одигра својот последен натпревар. По завршувањето, клубот ѝ подари дрес, како спомен на едно големо поглавје што заврши на теренот. Зад неа е долгогодишна кариера, исполнета со труд, посветеност и љубов кон ракометот. Минатата сезона ја помина во нашиот дрес, а публиката четирипати ја прогласи за играч на колото. Но повеќе од признанијата, ќе го паметиме карактерот. Кише е играч каков што секоја екипа би посакала да има и спортист од кој секој може да учи. Почестени сме што беше дел од нашиот клуб“, велат од клубот.

Астибо на домашен терен играше со Овче Поле од Свети Николе, меч кој го загуби со резултат од 26:33.

Александар Ванев, М-Нет