
Младиот каратист Марко Џорлев од Штип овој викенд зеде учество на Меѓународниот карате настан „Куп на шампиони“ во Подгорица, Црна Гора, каде настапи во две категории и забележа одново големи резултати и во Штип се враќа со медали.
На овој настан настапуваа каратисти од КК Штип кои генерално во тешка конкуренција повеќето се закитија со медал.
Џорлев освои медали и во двете категории на кои настапуваше, со 13 години зеде учество во категорија кадети каде настапуваат натпреварувачи на возраст од 14 до 16 година, а тука Џорлев се покажа одлично иако една година помал во тешка и многубројна конкуренција стигна до бронзен медал.
Младиот и успешен каратист Џорлев успеа да го победи со 5:1 шеснаесеттиот рангиран кадет во светот Филип Крстин од Србија.
Во својата категорија, У-13 -50 килограми, Џорлев стигна до големото финале откако претходно ги декласираше противниците со 6:1 и 5:1, но во финалето за малку не успеа да го совлада Веселин Скатариќ, кој е актуелен шампион на КК Омладинец од Подгорица, клуб кој е организатор на овој турнир, па предност беше домашниот терен за Скатариќ. Финалната борба заврши со 7:5 во полна на домаќинот.
Во следниот период Џорлев ќе земе учество на домашни и меѓународни турнири.
Александар Ванев, М-Нет