
Денес со воведниот меч во Кавадарци беше отворено 11. коло од Првата футсал лига на Македонија каде Осогово со 3:4 забележа голема победа над домаќинот Црна Река, со што сега екипата од Крива Паланка прави прогрес на прволигашката табела.
Во првиот дел во Спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци беше постигнат само еден гол за водство на Осогово од 0:1, а стрелец на истиот беше Виктор Димков во 18. минута. Во вториот дел Мартин Ристовски дуплираше на 0:2, а веднаш потоа новото засилување Адријан Мицевски постигна гол за 0:3.
Домашниот тим преку Крсте Плачков најпрво намали на 1:3, а веднаш потоа Ѓорѓи Стрезовски постигна гол за 2:3 и ја врати Црна Река во игра барем за бод.
Во 38. минута Кристијан Станојковски ги реши сите дилеми откако погоди за 2:4, а во финишот Стрезовски со втор гол ги постави конечните 3:4.
Утре ќе бидат одиграни уште три натпревари. Кеги Моби во Велес го чека Карадаку, Железарец ќе биде домаќин на Бутел, а пак Клими ќе ги одмери силите со лидерот Форца. Колото ќе биде затворено во понеделник со дуелот меѓу Шкупи и Овче Поле.
Александар Ванев, М-Нет