Навремено и без некои значителни пречки започна процесот на гласање во Штип. На изборите своето право на глас ќе можат да го остварат 42.045 граѓани на вкупно 80 назначени избирачки места на територија на ОИК Штип. Сите избирачки места беа отворени во 7 часот наутро. Единствен проблем кој тековно се појави е нефункционалноста на апаратите за отисок од прст, односно тоа што истите не ги препознаваат отисоците. Во таквиот случај пронајдената алтернатива е стариот метод на гласање со спреј и ламба.
Дополнително, до изборната комисија беа поднесени и приговори за лица кои ги нема во избирачкиот список, а разгледувањето и донесувањето одлука во врска со истите треба да биде најдоцна за два часа од поднесувањето на приговорот.

Ваквите проблеми ја попречиле работата и на избирачкото место 2292, кое се наоѓа во Гимназијата „Славчо Стојменски“. Заменик претседателката, Емилија Коруновска, посочи и на друг проблем, а за кој не е пронајдено решение. Станува збор за билборд поставен токму пред избирачкото место.
Проблемите со апаратите за отисок од прст се јавуваат во избирачките места на територија на цела држава, а освен традиционалниот метод за гласање, друго алтернативно решение не е пронајдено.