„Генералка викенд 2022“ – собрана голема количина отпад на три локации во Штип

Општина Штип соучесник во проектот „Генералка викенд 2022“. ЈП „Исар“ и „Стипион“, вработените во општинската организација, членови на ПД „Лисец“ и ИО „Еквинокс“ чистеа на три локации во градот под Исарот. Според комуналниот инспектор, Борче Везенков, ова е начин да покажеме како треба да се однесуваме со околината, а со истата цел се вклучиле и останатите волонтери.

„Од локација до локација има најмногу количини, најмногу собравме кај бања Кежовица, исто и овде, во населбата Сончев град, собравме околу 50 вреќи. Поентата е да се расчистат местата каде што има повеќе отпад. Наша цел е да почнеме и со едукативни настани со цел граѓаните и најмалите да имаат поголема свест и образование од областа на екологијата и да имаме помалку ѓубре на сите јавни површини и во централните градски подрачја“, истакна Везенков.

„Ние како големи љубители на природата несебично се вклучивме во оваа голема еколошка акција денеска со што ќе помогнеме и ќе дадеме порака на сите идни генерации за почиста и поздрава средина“, истакна Снежана Наковски од ПД „Лисец“.

Собраниот отпад од локациите кај бањата Кежовица, населбата Сончев град и ул. „Косовска“ ќе го транспортира ЈП „Исар“, а фокусот на оваа акција е на селекција на отпадот и негово рециклирање.

„Отпадот се дели на две фракции, во едната пластичниот отпад и алуминиумските лименки, а во другата оди хартијата, отпадот од пакување и целиот друг комунален отпад. ЈП „Исар“ ќе го преземе овој отпад и ќе го однесе во нивниот круг наспроти старото нервно одделение, каде ќе биде балиран и предаден на Пакомак“, додава Везенков.

Акцијата „Генералка викенд 2022“ се спроведува во повеќе општини низ државата, а во истата учество земаа невладини организации, волонтери, вработени во општинската администрација, ученици и други граѓани. Еколошката акција има за цел да ја подигне јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпад, која позитивно влијае во зачувување на животната средина.

Ребека Спасова М-Нет