
Втора јавна дебата во Штип за измени и дополнување на Закон за локална самоуправа. Модернизирање на Законот за локална самоуправа е целта на јавните дебати, кои ги организира министерството за локална самоуправа, истакна денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински,кој присуствуваше на втората јавна дебата во Штип, а во која учествуваа градоначалници од неколку региони, експерти и претставници на Здруженија на граѓани.
-Три главни постулати се, првиот е референдумска можност за отповик на градоначалник, којшто несовесно постапува или оној којшто не ја извршува својата функција. Втората е да се воведе и во законот да се препознае комуналниот редар. Затоа што навистина имаме можеби мал број да се превенираат и тие девијантни појави, коишто ги имаме од граѓаните и третиот главен постулат којшто се однесува во насока на измените на Законот за локална самоуправа се поголема вклученост на граѓанскиот сектор, бидејќи на тој начин сметаме дека локалните самоуправи можат да носта поиздржани и поквалитетни решенија за граѓаните, вели Перински.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска истакна дека општините не смеат да си дозволат да чекаат само на повиците и можност Владата да ги финансира проектите, кои какошто вели се примарна обврска на општините. Според Јорданов треба да се направи критериум, како и врз основа на наплатата на даноците, на капиталните расходи што ги имаат во буџетите еден градоначалник.
-Не смееме да дозволиме општините, градоначалниците вклучувајќи се и јас самиот себе да оставиме можност да не се развиваат општините и ова да зависи од волја на одреден градоначалник. Во исто време не смееме да дозволиме општините да бараат милост за развој на средините, за развој на општините. Така да она што е многу значајно и битно е да има контролен механизам на функционирањето на локалните самоуправи, вклучувајќи ги градоначалниците. Во исто време фискалната децентрализација е значајна, но исто така и критериумите по кои ќе се одвива таа фискална децентрализација е многу битна, вели Јорданов
Професорот, Гордан Георгиев истакна дека преку консултативните средби со градоначалниците, невладиниот сектор и експертите ќе се обидат да направат интервенции на неколку нивоа во Законот за локална самоуправа. Според него на три нивоа може да се разговара за измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, меѓу кои односот на општината и граѓаните кон јавното добро, хигиената, вториот сегмент е во обврските на градоначалниците и Советите на општините кон граѓаните.
-Колку треба да бидат поотчетни кон граѓаните, подостапни кон граѓаните и мал сегмент којшто ќе предвидиме и ќе поразговараме околу можноста и европските практики за отповикување на градоначалниците. Се разбиора вие ги знаете тука се работи за разни проценти, до кое ниво би било продуктивно, до кое ниво би било контра продуктивно, вели Георгиев.
Целта на овој настан е да овозможи активно вклучување на локалната самоуправа и невладините организации во процесот на подготовка на измените и дополнувањата на Законот, со што се обезбедува поголема транспарентност и инклузивност.
Лаура Стојанова-Ќирчов