
22 март денот на „Св. 40 маченици“ вековната традиција за штипјани годинава изоставена заради мерките и препораките за заштита од Ковид 19. Теренот до Исарот беше чист, граѓаните до максимум ги почитуваа препораките да не се искачуваат на врвот на Исарот. Екипата на М-Нет телевизија беше на лице место, граѓани немаше, само по еден двајца, кои дошле до црквата која единствено е отворена за овој ден.
Студеното и врнежливо време не им одеше во прилог на граѓаните, но штипјани велат дека главна причина е корона пандемијата. Полициски службеници од полициската станица Штип, го обезбедуваа теренот, но истакнаа дека немало ниту еден граѓанин кој сакал да се каче до врвот на Исарот. Инаку, на овој ден граѓани од Штип, но и од целата држава доаѓаа овде.
Учесниците се собираат на улиците и плоштадите во Штип, а потоа се искачуваат на стрмниот Исар. Попатно застануваат во црквата за да им одадат почести на Светите четириесет маченици. При искачувањето, според традицијата, учесниците треба да се поздрават со најмалку 40 луѓе. Младите собираат и 40 камчиња, 39 ги фрлаат во Брегалница, а едно оставаат под перница зашто, според верувањето, ќе го сонат животниот сопатник.
Втора година по ред не се одбележува оваа стара вековна традиција, со надеж дека догодина пандемијата ќе стивне, и одбележувањето ќе биде како претходно.
Лаура Стојанова М-Нет