Врнежлив, но полн – последниот петочен пазар од ноември во Штип, најбарани мандарините

Врнежлив, но полн – последниот петочен пазар од ноември во Штип. Цените и натаму за дел купувачи високи, за друг дел реални. Други се помирени со скапотијата, велат скапо евтино мора да се купи. Граѓаните најмногу купуваа компир, зелка, краставица и морков, а од овошје веќе актуелните мандарини. Велат зимницата е направена, туршијата ставена, сега само пазаруваат производи потребни за преку целата неделата.

Продавачите пак велат цените иако се пристапни, граѓаните при крај на ноември внимаваат што и колку купуваат. Скапо им се чини се, бидејќи е крај на месец.

Инаку, овој петок се бараше и дуњата, портокалот и бананата. Се продаваше и последниот ајварски пипер, како и марула и млад кромид. Овој петок имаше побарувачка и на јајцата, бидејќи како што велат граѓаните во маркетите веќе цената е неподнослива.

Иван Митев, М-Нет