Левица: Над 300 милиони денари од Државна лотарија за прославата – „јавните пари не стануваат приватни“

Левица обвинува дека Владата се обидува да ја оправда одлуката повеќе од 300 милиони денари од Државна лотарија да бидат потрошени за прославата на 35-годишнината од независноста, претставувајќи ги средствата како пари на компанијата, а не како јавни средства.

Од партијата велат дека ваквото објаснување е спротивно на наодите на Државниот завод за ревизија, кој во своите извештаи Државна лотарија ја дефинира како друштво во целосна сопственост на државата, основано од Владата, со сите 45.000 акции во сопственост на Република Македонија.

„Директорот Александар Климовски отиде и чекор подалеку, објаснувајќи дека тоа биле пари на компанијата и дека буџетски ќе станеле дури откако добивката би била уплатена во трезорот“, велат од Левица.

Од партијата посочуваат дека Владата, според нив, е контрадикторна бидејќи истовремено признала дека на 28 април ѝ укажала на Државна лотарија да обезбеди 300 милиони денари од нераспределената добивка за 2024 година за организацијата на прославата.

Левица го отвора и прашањето каде е одлуката со која добивката за 2024 година е распоредена како нераспределена или акумулирана, како и врз основа на кој акт 300 милиони денари биле пренаменети за прославата.

„Член 483 од Законот за трговските друштва предвидува дека за распоредувањето на добивката одлучува Собранието и дека во одлуката се прикажува секоја поединечна намена“, наведуваат од партијата.

Според податоците што ги посочува Левица, во ревидираниот Биланс на успех на Државна лотарија за 2024 година е прикажана добивка од 547,54 милиони денари. Тоа значи дека 300 милиони денари наменети за прославата претставуваат повеќе од половина од целокупната годишна добивка на друштвото.

Од Левица прават споредба и со средствата што Државна лотарија ги издвојувала за спонзорства. Според нив, во текот на цела 2024 година биле исплатени 70,599 милиони денари за сите спонзорства, што значи дека сумата од 300 милиони денари е повеќе од четирипати поголема од вкупниот годишен износ издвоен за оваа намена.

Партијата се повикува и на ревизијата на ДЗР за 2024 година, според која Државна лотарија немала интерен правилник со прецизно дефинирани критериуми за утврдување на висината на спонзорствата и донациите.

Според Левица, ревизорите утврдиле и дека не биле доставувани сите задолжителни извештаи до Управата за јавни приходи, недостасувале извештаи од примателите за начинот на користење на средствата, а за дел од исплатите не бил потврден јавниот интерес согласно предвидената постапка.

Од партијата велат дека токму поради ваквите наоди ДЗР заклучил дека не е обезбедено уверување оти средствата се распределуваат и користат на најдобар можен начин.

„Државна лотарија е доволно државна за Владата да ѝ нареди каде да насочи 300 милиони денари, но штом ќе дојде ред да се даде отчет, одеднаш сакаат да ја претстават како приватно дуќанче што нема врска со граѓаните“, обвинуваат од Левица.

Од партијата бараат веднаш да бидат објавени одлуката за распоредување на добивката за 2024 година, актот со кој 300 милиони денари се определени за прославата, одлуките на надлежните органи на Државна лотарија, важечкиот правилник за спонзорства и целосната финансиска документација.

„Пет милиони евра не престануваат да бидат јавна работа и државен капитал само затоа што ДПМНЕ решило зборот ‘државна’ во Државна лотарија да го чита само кога му одговара за тесно-партиски интереси“, се наведува во реакцијата на Левица.

Текстот Левица: Над 300 милиони денари од Државна лотарија за прославата – „јавните пари не стануваат приватни“ е превземен од МАКФАКС.